Следи уште едно интервју во низата „Ајде да зборуваме за писменоста“. Овојпат разговараме со м-р Маре Стојменовска Мицевска, директорка на Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и проблеми во развојот „Кочо Рацин“ – Битола. Во декември 2016, во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ заедно со пејачката Дани Димитровска го посетивме заводот во рамки на Караванот на букви и броеви и заедно со учениците и наставниците од училиштето читавме сликовници и поминавме неколку часа учење низ игра во Библиотеката на тркала. Инспирирани од посветеноста на тимот и одличните услови кои заводот ги нуди за учениците, ви пренесуваме повеќе информации за работата на заводот, кој што кој меѓу другото, функционира и како најголем центар за деца со пречки во развојот за пелагонискиот регион.
Од кога постои заводот и која е вашата мисија?
Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух говор глас и други проблеми во развојот„Кочо Рацин“-Битола е единствена установа во Републиката од ваков вид. Истиот е основоположник на дефектолошката теорија и пракса во Република Македонија со околу 68 годишно постоење. Мисија на Заводот е давање услуги (рехабилитација и образование) преку употреба и користење на најсовремена рехабилитационо-образовна технологија, примена на најсовремени и специјализирани методи и форми на работа чија крајна цел е развивање на интелектуалните и другите способности на децата (учениците) со проблеми во развојот и нивна припрема за иден општествено користен и независен член на нашата заедница.
На која возраст и со какви попречености во развојот се учениците кои ги опфаќа заводот?
Во нашата установа се врши основно образование на деца со посебни образовни потреби на околу 75 ученици од цела држава, а дел од нив се интернатски сместени тука. Децата се на возраст од 3-17 години, и се претежно со оштетен слух (глуви и наглуви), деца со аутизам и деца со пречки во психо-физичкиот развој. За да бидат кај нас мора да имаат наод и мислење од комисијата за категоризација.
По каква наставна програма работи заводот?
Наставата во заводот се организира и изведува според наставниот план за задолжителни и изборни предмети и реализација на задолжителни програми. Наставата ја реализираме според наставните програми од Бирото за развој на образованието за ученици со оштетен слух, ученици со пречки во психичкиот развој и ученици со аутизам. Иако се работи во одделенија, сепак претежно се практикува индивидуален пристап во работата и наставата со децата, се прават прилагодувања според можностите и способностите на самите ученици за да се извлече максимумот од нив. Кај овие деца покрај образованието, многу важен фактор е рехабилитацијата која во целост го потпомага воспитно-образовниот процес. Важно е да кажеме дека како установа посебно внимание обрнуваме на секциите и слободните ученички активности, бидејки преку нив успешно ја остваруваме социјалната интеграција на учениците. Секако за тоа имамеме целосна поддршка и соработка со учениците и наставниот кадар од сите основни и средни училишта, локалната самоуправа, невладините организации, работни организации, бизнис секторот и др.
Функционирате како завод-училиште со интернат и сте најголем центар за деца со посебни потреби за пелагонискиот регион. Какви услуги и ресурси нудите и за што најмногу се обраќаат кај вас од оваа гледна точка?
Она што не прави различни во позитивна смисла, од другите образовни установи е тоа што имаме добри човечки и материјално-технички ресурси и на нашите ученици нудиме рехабилитација која е многу важна за развојот на децата. Вработените во нашиот завод максимално се ангажираат за својата работа, секој во свој домен, но со една цел-за доброто на децата. Организирани сме во 5 оддели:
1. Оддел за рехабилитација (аудиорехабилитација, логотерапија, психосоцијална рехабилитација, биофидбек терапија и тифлолошка рехабилитација). Оддел за рехабилитација е поврзан со ремедијален дел од нашата работа и нема скоро никакви допирни точки со наставата. Одделот опфаќа шест кабинети, а се реализираат систем на програми наменети за дефектолошка дијагностика, ре/хабилитација на слушањето и говорот (аудиорехабилитација), воспитание и психосоцијална рехабилитација, логопедска, биофидбек, тифлолошка и друга терапија и тоа за ученици од припремните групи (три до шест годишна возраст), па сѐ до деветто одделение.
2. Подготвителен оддел за деца од 3 до 6 годишна возраст со улога и на оддел за документација и едукативна иновација во процесот на инклузија: рехабилитација со цел делумна или целосна припрема за идна инклузија во редовниот воспитно образовен систем; за потешките случаеви, целосна припрема за специјално образование и стекнување статус на ученик во истото;
3. Оддел за образование со едукативно – функционална рехабилитација: Наставата овозможува остварување на основните образовни и воспитни активности со учениците во училиштето. Во наставниот процес учениците на најорганизиран начин се здобиваат со знаења, умеења и навики и тоа секој ученик индивидуално према неговите способности.
4. Оддел за социјална заштита (ученички дом – интернат): прифаќање, сместување (екстерно и интернатско), исхрана, нега, хигиена, здравство, воспитни активности, и социјална интеграција. Во овој оддел влегува и амбулантата (лекар и медицинска сестра) која има превентивна улога во здравјето на учениците.
5. Оддел за заеднички служби: администрација и технички персонал.
Токму поради ваквата организациска поставеност, претставуваме еден вид центар за деца со посебни потреби во југозападниот регион на државата. Имаме околу 20-тина ученици кои заедно со родител секојдневно патуваат до нашиот Завод од околните градови: Охрид, Струга, Ресен, Прилеп, Демир Хисар и Кавадарци. Министерството за образование и наука ги покрива сите трошоци за превоз.
Какви профили на наставници и специјални едукатори има во вашиот тим?
Во однос на човечки ресурси, имаме различни стручни профили: дефектолози (сурдолози, олигофренолог, тифлолог, логопед, општи дефектолози), психолог, педагог, социјален работник, воспитувачи–недефектолози, лекар, медицинска сестра и негуватели.
Имате доста добро опремени училници и кабинети. Може ли накратко да ни објасните со што располагате како завод во однос на кабинети и опрема за специјално образование?
Имаме два кабинети за сурдо-аудиолошка дијагностика и рехабилитација. Од апаратура имаме аудиометар со помош на кој се врши аудиометирање на децата со оштетен слух и ехоскрининг – педијатриски преносен аудиометар за теренско аудиометрирање и логопедски сет. За рехабилитацијата на слух најважни се слушните апарати кои ги поседуваат сите деца кои го задоволуваат правото преку Фондот за здравствено осигурување. Секогаш им излегуваме во пресрет на родителите со совети за тоа каква документацијата е потребна околу набавка на слушните амплификатори. Од овие кабинети имаме претставници во комисијата за категоризација која е во склоп на одделот за ментално здравје при Клиничката болница во Битола. Оваа комисија дава наод и милење за видот и степенот на пречките во развојот кај децата и оттука се добива слика и насока за понатамошна работа со детето, се добива податок за детето од типот на лекарска дијагноза, дефектолошка, психолошка дијагноза и социјален статус.
Ортооптичко – плеоптички кабинет: Тука работи дефектолог-тифлолог со ученици кои покрај оштетувањето со слухот имаат проблеми и со видот. Тука се реализираат систем на вежби наменети за подобрување на функционалниот вид, добивање на нормална острина на видот, ортофорија и нормален бинокуларен вид, вежби за движење на очите и фокусирање, вежби за перцепирање на форми, вежби за визуелна меморија, вежби за визуелна компарација и вежби за кординација око – рака. Од апаратура имаме кординатор за вид.
Логопедски кабинет: Логопедот се занимава со проценка, дијагностицирање, третман и истражување во областа на јазично-говорно-гласовна патологија, односно потешкотии и пореметувања во комуникација. Се разрешуваат проблеми со алалија, пелтечење, дисфазија, афазија, дислексија, дисграфија, дискалкулија, дисфонија, афонија, назален изговор и сл.
Психолошки кабинет: Работата на психологот е пред сè насочена на развојот на потенцијалот на учениците, одржување на нивното психолошко здравје, како и развивање на интерперсонални и социјални вештини. Така, психологот е активен партнер во решавањето на проблемите на учениците и подобрување на комуникацијата и односот со соучениците и наставниците.
Кабинет за биофидбек терапија со апарат со соодветен софтвер за работа со помош на мозочни бранови. Со помош на оваа безопасна метода, преку компјутерска игра децата успеваат да го подобрат функционирањето на својот мозок, да ја зголемат концентрацијата, да го подобрат помнењето, да постигнат подобри резултати во процесот на учење, да ја намалат својата напнатост, да ги отстранат пречките во говорот и да го подобрат својот психомоторен развој. Вежбите со апаратот за биофидбек овозможуваат усовршување на когнитивните функции на мозокот и неговата работа, а на тој начин се подобрува и функционирањето на целиот организам. Методот се практикува и во терапија на деца со хиперактивно поведение, кај аутисти, проблеми со комуникација во училиште, кај лица со претрпени мозочни трауми, кај терапија на некои психички заболувања, како и за подобрување на концентрацијата или како релаксирачки тренинг кај здрави луѓе. Обуката и апаратот ги добивме во Бугарија, а сите средства ни ги обезбеди МОН.
Како го следите напредокот на учениците?
Кај нас покрај наставници-дефектолози имаме и стручни предметни наставници по англиски јазик, ликовно образование, техничко, физичко и информатика. Сите користат различни методи и инструменти за оценување и континуирано го следат и оценуваат напредокот на учениците. Учениците се вклучуваат во оценувањето (преку самооценување, меѓусебно оценување, градење критериуми, водење портфолија и сл.). Приодите во оценувањето им овозможуваат на учениците да ги подобруваат постигањата. Наставниците во процесот на поучување користат различни техники со што им даваат можност на учениците со различни стилови на учење да научат најмногу што можат. Во оценувањето користат различни техники со што ги мотивираат учениците да учат и да го постигнат својот максимум. Во наставата кај децата со оштетен слух се користи и дактилологија, односно гестовен говор. Интересно е што од страна и на другите ученици има интерес за учење на гестовниот јазик. Паралелно во наставата се употребуваат и алтернативни облици на комуникација PECS – комуникација со помош на слики, се применува Аба, Арт терапија, Монтесори педагогија и сл. Скоро сите ученици го продолжуваат своето образование во средно, а имаме и наши ученици кои завршија факултет во Скопје.
Кој е вашиот став за инклузивното образование во редовните училишта?
Мојот став за инклузијата е дека таа е потребна, но не по секоја цена и тоа е став со кој се сложуваат многу стручни лица од дефектолошката област. Иако како Copyдиректор на специјално училиште деловно етички е да бидам против, но јас она што ќе го кажам е реалност од моето досегашно лично искуство. Имам работено и како дефектолог во редовно образование, но разликите се големи во ресурсите од стручен аспект и во материјално-технички услови.
Пред неколку години правевме истражување преку анонимни прашалници за наставници за инклузијата во редовните училишта. Верувајте, наставниците се соочуваат со еден куп проблеми, се чувствуват беспомошно и недоволно стручни кога треба да работат со децата со посебни потреби. Немаат искуство, немаат доволно време на часот да му посветат поголемо внимание, не се упатени како да одговорат на тие „посебни потреби“. Наставниците се за воспитание и образование во училиштето, но каде е делот на рехабилитација? Раните години претставуваат златен период од развој на децата на кој треба стручно да се работи и стимулира, потребна е соодветна хабилитација и рехабилитација со овие дечиња.
Кога се зборува за инклузија, рехабилитацијата воопшто не се ни споменува, родителите не се ни свесни колку овој дел е значаен за напредок на нивните деца. Тие мислат дека само со тоа што ќе го запишат детето во редовно училиште и проблемите ги решиле.
Ние како установа не сме против инклузијата, напротив имаме ученици кои по година, две или три се наши ученици и потоа кога ќе го постигнат соодветниот напредок во својот развој, заминуваат во редовно училиште задоволни од она што е постигнато кај нас. Меѓутоа го имаме и оној обратен процес, кога детето ќе го запишат во редовно училиште, нема да постигне доволно и ќе го донесат кај нас. Ние сме тука секогаш да им излеземе во пресрет на родителите и децата.
Колку често и во која мера родителите се вклучуваат во работата на училиштето? Постои ли пристап кој се покажал како гарант за поквалитетна комуникација и суштинско вклучување на родителите во работата на училиштето?
Родителите најчесто се вклучени во нашите активности преку заеднички работилници, екскурзии, посети на културно-забавни институции и сл. Секогаш како установа сме на страна на родителите како наши секојдневни и значајни партнери. Секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет на нивните барања и потреби и да го направиме она што е значајно за децата, да им помогнеме околу стручни совети, соодветни документи, посредување со други институции и сл.
Многу важна работа во нашето функционирање е и комисијата за детекција и работа на терен која има функција во барање на потенцијални наши ученици од територијата на цела Македонија, информирање на родителите за установата, советодавен разговор и насоки за понатамошна соработка за рана рехабилитација.
Кои се вашите планови за во иднина во однос на активности, набавка на нова опрема или кадри од нови профили?
Нови планови за во иднина секако дека постојат. Сите мораме да го следиме тој тренд на модернизација и со техника и со обуки.
На крајот на 2016 година, почнавме една донаторска акција за собирање на средства за отворање на сензорна соба. Имавме среќа што општина Битола најави доделување на половина милион денари за таа намена и се надеваме дека со помош и на други фирми овој проект ќе го реализираме. Сензорната соба е многу важна за напредокот и добар психо-физички развој на нашите ученици. Во нашиот кадар имаме колеги кои веќе посетуваа обуки за работа во сензорната соба, и идејата што постои за нејзино што поскоро отворање ќе допринесе за развој и на нашата установа.